На 6 јули 2026 во Берово се одржа Регионален форум на Источниот плански регион за одржлив третман на биоотпадот, во рамки на проектот „Нула биоотпад: системски промени во партнерство со граѓаните", поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас, а спроведуван од Зелен институт во партнерство со Националното здружение на сопственици на приватни шуми.
Целта на проектот е да се придонесе за транзиција кон „нула отпад“ општини, преку системско подобрување на управувањето со биоотпадот, заради помало загадување и ризици од пожари, искористување на ресурсите, рационализирање на работата на јавните комунални претпријатија и поттикнување на циркуларната економија.

Поздравно обраќање имаа градоначалникот на Берово, Петар Ружински и претседателите на здруженијата Зекија Мемедова Христова и Војо Соколовски. Форумот го модерираше Лилјана Поповска, а експертите Катарина Георгиевска и Аријан Тоска го презентираа истражувањето за управување со биоотпад во Источниот регион.
Во регионот се создаваат над 86.000 тони годишно биоотпад, кој во голем дел завршува во мешан комунален отпад: од домаќинствата и од деловниот сектор (шумско-дрвен сектор, преработувачка индустрија, фарми за земјоделско и сточно производство, туризам и угостителство, трговија).
Карактеристика на Источниот регион е што создава големо количество дрвна биомаса, дури 38% од вкупниот регионален биоотпад, поради присуството на големи планински масиви како Малешевијата, Пијанец, Осогово, Огражден, Беласица. Според податоците од ЈП Национални шуми — Подружница Малешево, 10-12% од двната маса при законската сеча останува неподигнато во шумите, што е, само во оваа подружница, 4.000–5.000 m³ дрвна маса годишно. Ова е неискористен ресурс за производство на пелети, брикети и дрвен чипс, но и опасен лесно запалив материјал што придонесува за побрзо ширење на пожарите.
Во овој регион има голем број сточарски и живинарски фарми, меѓу кои и „Агриа“, кои создаваат концентриран биоотпад, погоден за анаеробна дигестија во биогасната централа „Сарамзалино" во Лозово и производство на електрична енергија, топлинска енергија за аранжерии и дигестат за нивите.
Беа претставени три сценарија за собирање и третман на различни текови на биоотпад. Реалното сценарио на кус рок предвидува реактивирање на компостарата во Пробиштип, изградба на локална компостара за три општини (Делчево, Пехчево, Берово), набавка на мобилна машина за ситнење дрвена маса во чипс и формализирање на дрвниот пазар, локални компостари и употреба на арското ѓубре, покрај оние концентрирани текови што веќе се носат во биогасната централа во Сарамзалино. Идното сценарио предвидува интензивирање на локална анаеробна дигестија, преку надградба на пречистителните станици за отпадни води во Кочани и/или во Берово, или нова самостојна постројка, зависно од исходот на
физибилити студијата. Во ова сценарио е и планираната регионална депонија Мечкуевци/Свети Николе (заеднички систем за управување со отпад со Североисточниот регион), која сè уште не е изградена и е планирана за прием на мешан комунален отпад, кој би се селектирал на лице место. Третото сценарио е фазно, почеток со реалното и спроведување на идното во фази.
Во дискусијата градоначалникот на Берово информираше дека е веќе во комуникација со Министерството за животна средина и просторно планирање за изградба на компостара, што е во корелација со неговата програма за унапредување на управувањето со комуналниот отпад, особено поради отсуството на општинска депонија, како и заради повисок квалитет на животната средина воопшто. Градоначалникот на Зрновци и Благојчо Данев од НВО Јавор, пак, информираа дека тие имаат стара компостара што сакаат да ја реактивираат (била затворена по 2 години работа, поради непостоење законска регулатива за користење компост), како и напуштената програмата за третман на оризова арпа (поради одбивањето на оризопроизводителите да учествуват во трошоците за балирање и транспорт). Општинскиот инспектор го покрена прашањето за идното ограниченото користење на арско ѓубре директно на земјата, поради европска регулатива што наскоро ќе треба да се примени, а се однесува на граници за присуство на нитрити и нитрати во почвата. Заклучокот е дека и тој дел од биоотпадот ќе мора да помине низ преработка за соодветен компост.
Како главен проблем беше спомнат слабиот капацитет на јавните комунални претпријатија во целиот регион и потребата за дополнителна институционална поддршка од државата и јакнење и допрецизирање на законската регулатива за селекција на биоотпад од домаќинствата и деловните субјекти. На форумот присуствуваа претставници од локалната власт на Источниот плански регион, меѓу кои и градоначалникот на Зрновци, Ванчо Митев, млекопроизводители, инспектори, граѓански активисти и медиуми.
