На 2 јули 2026 во Куманово се одржа Регионален форум на Североисточниот плански регион за одржлив третман на биоотпадот, во рамки на проектот „Нула биоотпад: системски промени во партнерство со граѓаните", поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас, а спроведуван од Зелен институт во партнерство со Националното здружение на сопственици на приватни шуми.
Целта на проектот е да се придонесе за транзиција кон „нула отпад“ општини, преку системско подобрување на управувањето со биоотпадот, заради помало загадување и ризици од пожари, искористување на ресурсите, рационализирање на работата на јавните комунални претпријатија и поттикнување на циркуларната економија.
Поздравно обраќање имаше Зорица Стрезоска од секторот за ЕУ од Министерството за животна средина и просторно планирање. Форумот го модерираше Лилјана Поповска, а експертите Катарина Георгиевска и Аријан Тоска го презентираа истражувањето за управување со биоотпад во Североисточниот регион – со порака дека биоотпадот е ресурс, а не проблем.
Во регионот се создаваат над 40.000 тони годишно биоотпад: 60% од домаќинствата и 40% од деловниот сектор (месна и млечна индустрија, фарми за земјоделско и сточно производство, туризам и угостителство, трговија, шумарство, дрвна индустрија). Притоа, над 65% од вкупниот биоотпад го дава Општина Куманово како најголем регионален центар. Секој отпаден тек бара соодветна логистика за собирање и третман, за што беа претставени три сценарија. Реалното сценарио на кус рок предвидува поставување две компостари кај претоварните станици во Куманово и Ранковце за биоотпадот од домаќинствата, склучување аранжмани на деловни субјекти за преземање на богатата влажна фракција од најблиската биогасна централа во Сарамзалино (доколку се најде заемен економски интерес), производство на дрвен чипс од остатоци по шумска сеча и воспоставување Регионален хаб за циркуларна економија. „Идното“ сценарио предвидува нов регионален биогасен јазол со надградба на пречистителната станица за отпадни води во Куманово, по претходна потврдена физибилити студија. Третото сценарио е фазен пристап: изведба на реалното сценарио веднаш, а биогасен јазол во следна фаза, откако ќе се утврди одржливоста. Се предлага и пилот-програма за одделно собирање на домаќинска влажна фракција со 500–1.000 домаќинства во Куманово и поставување садови за собирање, за што постои интерес од страна на општина Куманово.
Во дискусијата беше констатирано дека за успешно спроведување на законската обврска за селекција на биоотпадот, потребни се конкретна организација и финансирање, како и воспоставување јасни односи помеѓу општинските јавни комунални претпријатија и новиот Регионален центар за третман на отпад за Североисточниот и Источниот плански регион што се изведува во Мечкуевци, Светиниколско. Присутните беа согласни дека локалното собирање и преработка на дел од биоотпадот ќе ги преполови транспортните трошоци за пренос на мешан комунален отпад, а и ќе овозможи да се зачува вредноста на различните фракции кои би биле преработени блиску до изворот.
Како проблеми беа спомнати повремените прекини во работењето на пречистителната станица во Куманово, за која е започната реконструкција и модернизација на технологијата преку добивање електрична енергија од фотоволтаици. Како проблем беше истакнато непостоењето организиран пазар за компост и биогас во земјава. Постојат можности и европски средства за надминување на ограничувањата, многу зависи од капацитетот на институциите и свесноста на граѓаните, додека околу 50% од деловните субјекти на анкета се изјаснија дека се спремни да влезат во селекција на биоотпад.
Биоотпадот од земјоделските и сточарските фарми е скапоцен како ѓубриво, потребна е добра организација и исполнување на законските обврски за поголемо искористување. Сурутката е суровина со вредност, а остатоците од млечната индустрија наречени „цика“ може да одат на третман како биоотпад. Месната индустрија има можност за продажба на кожата и секундарна преработка на коските и другите остатоци до храна за луѓе и животни. Како позитивни примери за примена на елементи од циркуларна економија беа издвоени млекарската индустрија „Бучен-Козјак“, месната индустрија „БДА“ и фармата „Илиевски Компани 3“.
На форумот присуствуваа претставници од локалната власт на Североисточниот плански регион и медиуми.
