На 29 јуни 2026 во Радовиш се одржа Регионален форум на Југоисточниот плански регион за одржлив третман на биоотпадот, во рамки на проектот „Нула биоотпад: системски промени во партнерство со граѓаните", поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас, а спроведуван од Зелен институт во партнерство со Националното здружение на сопственици на приватни шуми.
Целта на проектот е да се придонесе за транзиција кон „нула отпад“ општини, преку системско подобрување на управувањето со биоотпадот, заради помало загадување и ризици од пожари, искористување на ресурсите, рационализирање на работата на јавните комунални претпријатија и поттикнување на циркуларната економија.
Поздравно обраќање имаа Градоначалникот на Радовиш, Љупче Почивалец и Зорица Стрезовска од секторот за ЕУ од Министерството за животна средина и просторно планирање. Форумот го модерираше Ана Петровска, а експертите Наталија Бургиева и Аријан Тоска го презентираа истражувањето за управување со биоотпад во Југоисточниот регион – со порака дека биоотпадот е ресурс, а не проблем.
Во регионот се создаваат значителни количества биоотпад од домаќинствата и градинарството, како и од шумарство, дрвна индустрија и млечна индустрија (сурутка). Секој отпаден тек бара соодветна логистика за собирање и третман, за што беа претставени три сценарија: реално сценарио – компостирање по кластери, производство на дрвен чипс и воспоставување Регионален хаб за циркуларна економија (1–2 години); идно сценарио – регионален биогасен јазол кај пречистителната станица за отпадни води за Струмица; фазен пристап – компостирање веднаш, а биогасен јазол во следна фаза, откако ќе се утврди одржливоста.
Во дискусијата беше констатирано дека законската рамка е јасна – селекција на биоотпад е обврска, но потребни се конкретна организација и финансирање. Одвоеното собирање бара дополнителни трошоци, а новата услуга мора да се наплатува. Понатаму, се истакна дека шталското ѓубре е вредно ѓубриво во регионот кој е познат по рано градинарство, па не треба да се планира за биодигестија. Сурутката е суровина со вредност, а остатоците од млечната индустрија наречени „цика“ може да одат на третман како биоотпад. Во анализите на одржливост треба да се има предвид дека пазар за биогас и дигестат сè уште не е обезбеден, а општините, вклучително Струмица и Конче, изразија интерес за спроведување на препораките од истражувањето.
На форумот присуствуваа претставници од локалната власт на Југоисточниот плански регион, како и претставници од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, од индустријата, земјоделските и шумските стопанства и од медиумите.
