Во Општина Кавадарци се одржа регионалниот форум за одржлив третман на биоотпадот, дел од проектот „Нула биоотпад: системски промени во партнерство со граѓаните“ поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас што го спроведува Зелен институт во партнерство со Националното здружение на сопственици на приватни шуми.
![]()
Модераторката Ана Петровска посочи дека пренасочувањето на биоотпадот од депониите значи не само премин кон „нула отпад“ општини, туку и почист воздух и подземни води и помал ризик од пожари. Поздравно обраќање имаше Зорица Стрезоска од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Експертите Наталија Бургиева и Аријан Тоска нагласија дека биоотпадот е ресурс со вредност и го претставија Базичното истражување за управување со биоотпад во Вардарскиот плански регион. Карактеристично е винарството со комињето, кое се селектира и во голема мера го презема биоцентралата во Градско. Останатиот биоотпад доаѓа од угостителството и туризмот, индустријата, шумарството и дрвната индустрија, институциите, трговијата со храна и земјоделството. Биоотпадот сега само делумно се обработува во двете биогасни централи во Сарамзалино и Градско (од винарии и фарми).
Беа понудени три сценарија за третман на биоотпадот: Реално сценарио со постоечки централи, ново општинско компостирање и развој на биоиновации (најевтино и најбрзо за 1-2 години); идно сценарио со нова биогасна постројка кај пречистителната станица во Велес (најскапо, со подолг период за реализација); фазен премин од прво на второ сценарио со компост веднаш, а биогас подоцна. Беше предложен и Регионален хаб за циркуларна економија, по примерот на многу земји, каде се стимулираат иновативни пристапи за третман на биоотпадот.
Во дискусијата беа разменети искуства, мислења и предлози за унапредување на системот за управување со биоотпад. Општина Кавадарци е подготвена за пилот-проект за одвоено собирање и за обезбедување простор за компостирање; веќе трета сезона по ред поставува контејнери за собирање комиње од домаќинствата.
Претставниците од биогасната централа од Градско изразија поддршка за идни активности и иницијативи во насока на подобар третман на биоотпадот, со предлог да се зајакне законската регулатива. АД Тиквеш ги претстави своите позитивни практики и поддржа воспоставување Регионален хаб за циркуларна економија, со подготвеност да биде негов домаќин. Поддршка изрази и директорот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, потенцирајќи ги регионалниот пристап и меѓуинституционалната соработка. Граѓанската организација Ековита сподели искуство за третман на биоотпад на иновативен начин (со ларви од црна војничка мува) и соработка со локалното комунално претпријатие за зелениот пазарен отпад.
Присутните граѓани, претставници на бизнис секторот и институциите ја поздравија иницијативата за унапредување на третманот на биоотпадот, заснован на принципите на циркуларната економија, регионалната соработка и активното учество на локалните заедници, институциите и приватниот сектор, со спремност да се вклучат во идните процеси на селектирање, собирање и третман.
На форумот учествуваа директорот на Центарот за развој на регионот, директори на јавните комунални претпријатија од Кавадарци, Демир Капија, Росоман и Свети Николе, претставници на ЈП Национални шуми и Државниот инспекторат за животна средина, како и претставници на индустријата, земјоделството, приватните шуми, заинтересирани граѓани и медиумите.
