Почитувани,
На 28.8.2025 до Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство, беше испратено мислењето на 25 граѓански организации за предложените закони за рударство и геологија, кои се поставени на ЕНЕР. Законите се анализирани од аспект на заштита на животната средина, биодиверзитетот и здравјето на луѓето.
Како сублимат на поединечните реакции на повеќе граѓански здруженија дадени се ПРЕДЛОЗИ, кои се базираат врз ЗАБЕЛЕШКИТЕ по текстот на законите, со фокус на Законот за рударство.
„ПРЕДЛОЗИ:
1. Предлагаме Законите да имаат јасен екологистички пристап, а Министерството да го проектира развојот на оваа гранка УМЕРЕНО за неметалични суровини, додека за металични суровини да се стави МОРАТОРИУМ. Така, Македонија ќе биде заштитена од нови хаварии и загадувања, на кои сме сведоци, а ќе се осигура ИДНИНАТА на идните поколенија.
2. Македонија ДА ЈА КОМПЛЕТИРА РЕГУЛАТИВАТА за заштита на животната средина во сите области, според последните највисоки стандарди на ЕУ.
3. ДА ГИ РЕШИ ПОСТОЈНИТЕ ЕКОЛОШКИ ПРОБЛЕМИ во рударството и металургијата, но и во целокупната индустрија, преку ревизија на еколошките дозволи и концесии (со сите постојни јаловишта и хидројаловишта), во соработка со бизнис секторот, заради унапредување и екологизирање на технолошките процеси.
4. ДА ГИ ЗАЈАКНЕ ИНСПЕКЦИИТЕ задолжени за рударството и индустријата (за технички работи, за рударство, за животна средина, за градежништво), со акцент на Државниот инспекторат за животна средина и да се воспостави независен систем за еко-мониторинг на влијанијата врз почвата, водата и воздухот, со обврска за јавно објавување на резултатите.
5. ДА СЕ ДОНЕСЕ ПРВО СТРАТЕГИЈАТА за рударство со СЕРИОЗНИ И ТРАЈНИ КРИТЕРИУМИ за тоа каде и какви рудници би можеле, а каде и какви НЕ БИ МОЖЕЛЕ да се отворат, под никакви околности и при никаква промена на властите.
6. Да се обезбедат правата од АРХУСКАТА КОНВЕНЦИЈА: пристап до информации за сите фази од рударските постапки, учество на јавноста во одлуките за отворање и продолжување концесии, пристап до правда за граѓаните и граѓанските организации во случаи на повреда на еколошките стандарди.
На ваков начин, Македонија може да се развива стратешки обмислено и стабилно, со граѓани кои ќе живеат квалитетен живот во здрава животна средина, без фрустрации и стресови поради можен рудник како тешка Г1 загадувачка индустрија во нивниот двор.

ЗАБЕЛЕШКИ ПО ТЕКСТОТ НА ЗАКОНИТЕ:
1.) Двата нови закона се загрижувачки и концепциски и еколошки, зашто предлагаат РУДАРСКА ОФАНЗИВА и претворање на Македонија во рударска земја.
КЛУЧНА НОВИНА во законите е внесувањето на: а) рудниците како приоритетни стратешки проекти со Листа на стратешки минерални суровини и б) европската Регулатива за критични суровини 2024/1252, со Листа на критични минерални суровини (вкупно 34, најмногу метали). Овој документ (не е Директива) наложува секоја ЕВРОПСКА земја да произведе 10% од овие минерали, да преработи 40%, а да увезе максимум 65% од трети земји, или да ги обезбеди потребните количества преку стратешки партнерства со трети земји. Оваа регулатива треба до 2026 година да ја разгледа секоја ЕУ земја и да декларира колку и какви критични минерали може да испорача. Сеуште предизвикува сериозни дебати и размисли за начинот на нејзино спроведување во самата ЕУ. Тој акт беше донесен во специфично време на геостратешки прегрупирања и блокади, па разумно би било да се исчека развојот на состојбите, кои може да го видоизменат овој документ, кој на ниедна земја не и е многу посакуван. Ние не сме членка, не сме ги примениле ни сите еколошки регулативи, а се затрчуваме по рударска регулатива, која би ни донесла катастрофални последици за животната средина! Илустративно кажано, Македонија се чуствува повикана да и го надомести на ЕУ недостигот на критични минерални суровини и со своите 2 милиона жители и 25.000 км2 да ги покрие потребите на 450 милиони жители и 4,2 милиони км2!? Македонија се нуди да ја замени Кина, која до скоро покриваше околу 90% од потребите на ЕУ!? Тоа е невозможна мисија, а крајно штетна дури и во обид.
2.) Се обезбедува “брза лента” за прогласување на некој рудник за стратешки проект и издавање концесија, со помош и на Европската Комисија.
Со ова се создава простор за манипулации и заобиколување на прописите за заштита на животната средина, здравјето и биодиверзитетот, како и на безбедноста на граѓаните и вработените. Брзата лента значи договор во тесен круг, предлог на Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство, одлука на Владата, барање и добивање поддршка од Европската Комисија, со формална помош од Комисија за признавање на стратешки проекти како единствена точка на контакт. Македонија се откажува од сувереното право на нејзините граѓани да одлучуваат во каква средина ќе живеат и се нуди да стане суровинска колонија, каде Европската Комисија би одлучувала каде ќе се отвора рудник, како НАШ и НЕЈЗИН стратешки проект! Практично, ова би значело порачка на „стратешки проект“ во рударството од страна на Брисел и македонска брза испорака. Таквите проекти од интерес не само за Македонија, туку и од интерес за Европската Унија, добиваат „статус од национално значење“ и се „посебно третирани во постапките на издавање дозволи“. Дополнително, се утврдува егзактно дека ваквите стратешки проекти се „од јавен интерес“ и дека „служат за јавното здравје и јавната безбедност“!? Предлагачот на законот како да заборава дека се работи за можни рудници на метали, кои спаѓаат во најзагадувачката индустрија и дека Македонија НЕМА ПРОСТОР и за металични рудници и за здрав живот. А Законот утврдува дека стратешките минерални суровини се од „суштинско значење за економијата“ и дека Владата ќе донесе две листи за минерални суровини, „стратешки“ и „критични“.
3.) Забраната за употреба на цијаниди и сулфурна киселина останува за идни рудници, но не и за постојните, кои продолжуваат да работат вон европските еколошки стандарди.
Добро е што останува забраната за употреба на цијаниди и сулфурна киселина за идни рудници, но во законот изрично стои дека тоа не важи за постоечките. Добро е и тоа што конечно се внесува обврска за усогласување со Директивата 2006/21/E3 за мерки за безбедно постапување со опасен отпад од екстракција на метали. Но, недостига Директивата 2010/75/ЕУ за интегриран пристап на отпадот од индустриските постројки, во кој влегуваат сите опасни материјали, со цел за спречување и контрола на емисиите во воздухот, водата и почвата, кон управувањето со отпад, кон енергетската ефикасност и кон спречувањето на несреќи, за да се заштити животната средина.
За старите рудници потребна е и ревизија на постоечките А-интегрирани еколошки дозволи, кои биле издадени пред децении, за технолошки постапки кои се одамна надминати и нивно задолжување да ги применат најдобрите достапни практики за експлоатација и третман на отпад, според ЕУ стандарди.
4.) Инспекцијата на животната средина не е јасно дефинирана и останува маргинална, како и досега.
Нам ни недостига континуирана контрола на рудниците, а гледаме дека и во новиот закон за рударство не му се дава вистинско значење на Инспекторатот за животна средина и на Законот за инспекциски надзор во животната средина. Тие се испуштени од клучни членови, а на други места е спомнат инспекторатот, но без прецизно разграничување за обврските со другите задолжени инспекторати и институции. Има и надлежности од Министерството за животна средина префрлени во Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство! Тоа значи дека законот ќе овозможи да се продолжи со „прогледувањето низ прсти“, како во случаи на руднички хаварии, кога јавноста сведочела на недопустиво непостапување на институциите, иако биле забележани пропусти и непочитување на законите и на дозволата за работа. Пропусти за кои е предвидено и раскинување на договорот и одземање на концесијата.
5.) Направени се недопустливи отстапки кон концесионерите и кон рударскиот бизнис, на сметка на животната средина.
а) Продолжување на концесијата за експлоатација која траела 30 години, се прави за нови 30 години на едноставно БАРАЊЕ од концесионерот, без спроведување НОВА постапка за оцена на влијание врз животна средина, со која ќе се направи мултисекторска анализа ДАЛИ МОЖЕ да се продолжи експлоатацијата, како и со НОВА постапка за добивање А-интегрирана еколошка дозвола. Ова е директно на штета на животната средина, која е веќе девастирана по 30 години експлоатација и со продолжување на некоја стара неекологизирана еколошка дозвола! Во предлогот, обврска е да се поднесат главно економски документи и план за управување со отпад со санација и рекултивација. Инсистираме концесионерот да поднесе Елаборат за состојбата со животната средина и степенот на загаденост за просторот на кој е доделена постојната концесија.
б) Доделување концесија БЕЗ ЈАВЕН ПОВИК станува дискреционо право на институциите.
Имено, освен општата одредба дека концесија за експлоатација на минерални суровини се доделува со јавен повик, постои „ИСКЛУЧОК“ за многу ШИРОКА палета институции и правни субјекти, на чие барање тоа се прави БЕЗ ЈАВЕН ПОВИК! Практично, според формулацијата подолу, речиси секој може „креативно“ да го злоупотреби овој исклучок.
в) Во самата дефиниција за „најдобри достапни техники“, внесуваат ограничувања водени од бизнис логика: „под економски и технички исплатливи услови“, „доколку се разумно достапни за концесионерот“ и сл. Тоа значи дека концесионерот е недопирлив и во секоја прилика ТОЈ САМ ќе мери и проценува ДАЛИ му е исплатливо или разумно достапно да примени најдобри достапни техники, или да си тера со најевтината и најзагадувачка техника и технологија!
г) Истражување и експлоатација на редица минерални ресурси ќе се прави на ЦЕЛА ТЕРИТОРИЈА на Македонија (член 5), што значи и во населени места и во заштитени подрачја и во близина на водни текови, спротивно на законите за природа и води! А се работи за минерални суровини кои оставаат сериозен еколошки отпечаток при нивното истражување и експлоатација.
6.) Учеството на јавноста и заинтересираните граѓани ќе биде маргинализирано и сведено на формалност поради „брзата лента“ за „стратешките“ рударски проекти.
Во Законот за рударство има јасни одредби за барање мислење при доделување концесија и од единиците на локалната самоуправа, како и за запирање на постапката за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини при нивно негативно мислење. Но за „стратешки“ рударски проекти, сите процедури ги преземаат и ги поминуваат институционално надлежното Министерство, Владата и Европската Комисија, а за граѓаните е предвидена дури и можност за преселба!? Преселби во Македонија НЕ СМЕЕ да има за никакви рударски проекти!“
Мислењето е поднесено од 25 орг.и: Еко Долина – Ново Село, Здрава Котлина – Струмица, Зелен институт, ИКС Институт за комуникациски студии, О2 Иницијатива, Зелените од Гази Баба, Новинари за човекови права, Грин.орг – Кочани, АДИ, ЦИКП, Национален Рома Центар, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Го сакам Водно, Еко звон, СТИГА Е – Ново Село, Струмица и Босилово, Балканска водна мрежа, РАДАР, Полимат 13 – Богданци, Еко-живот – Кавадарци, Институт за демократија, Фронт 21/42, Вила Зора Велес, Еко Герила Тетово, Центар за управување со знаење, Зелена стража – Прилеп.
Контакт на:
Со почит,
Зелен институт
