Тековни активности во 2022 година:
1) Зелениот институт учествува во експертските работни групи за анализа, содржинско подобрување, застапување и лобирање за забелешките и амандманите на следниве закони: за минерални суровини, за води, за инспекциски надзор и за концесии за добра од општ интерес. Голем дел од нашите забелешките беа прифатени и внесени во подобрени верзии на законите, а за преостанатите изготвивме амандмани кои беа прифатени од пратеници и се наоѓаат во собраниска процедура.
Покрај работа во работни групи на граѓански активисти и експерти, овој процес опфаќа и работни групи во министерствата кои ги изработуваат законите, како и јавно застапување на ставовите преку изјави и дебати, со аргументирање на нашите барања. Се работи за исклучително важни закони кои се материјални закони за животната средина, со акцент на заштита на природата и животната средина, како и за одржливо искористување на природните ресурси и спречување на нивната злоупотреба.
Ова е активност на Зелениот институт како дел од граѓанската Алијанса „Разбистри се“ на Институтот за комуникациски студии (поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство), во текот на целата 2021 и почетокот на оваа година.
2) Граѓанскиот инспекциски совет - ГИС организираше јавна дебата на тема „Како да се намали загадувањето на воздухот“во јануари 2022, со присуство на над 70 претставници на државни и локални институции, граѓански активисти од ГИС и Алијансата „Разбистри сè“, како и заинтересирани граѓани. За преземените мерки и проблеми говореа градоначалничката на Град Скопје - Данела Арсовска, државната секретарка во Министерство за животна средина - Каја Шукова, советници избрани од граѓански иницијативи во повеќе македонски градови (Независните од Карпош – Татјана Стојановска, Шанса за Центар – Јане Димески, Зелен хуман град – Горјан Јовановски, Подобро за Тетово – Елмедина Абдулаи, Стига е - Ѓорги Танушев, Поинаку – Габриела Илиевска), градскиот инспектор - Мирослав Богдановски, како и претставници од општините Куманово, Гостивар, Струмица, Тетово и Кавадарци. Настанот беше отворен за медиумите и јавноста, со пренос во живо на Фејсбук. Модераторки беа Лилјана Поповска од Зелен институт и Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.
Како заклучоци по повеќечасовна дискусија се донесоа редица мерки и чекори што ги бараме од различни адреси: локалната самоуправа, Државниот инспекторат за животна средина и инспекторите на локално ниво, Министерство за животна средина и Владата. Сега сме во фаза на лобирање на предложените мерки и чекори.
(Зелениот институт е координатор на ГИС, формиран во рамките на Алијансата „Разбистри се“ на Институтот за комуникациски студии, заради граѓанска контрола на инспекцискиот надзор на животната средина.)
3) Работната група на ГИС за законот за инспекцисли надзор во животната средина продолжи да работи на Законот, кој беше претходно преработен, со прифатени наши забелешки за координација на државните и локалните инспектори, задолжителна примена на стандардни оперативни процедури во надзорот, како и редица други подобрувања. Сепак, во насока на допрецизирање на текстот, во февруари 2022, изготвивме амандмани кои беа прифатени и поднесени од пратеници, а сега се наоѓаат во собраниска процедура.
(Зелениот институт е координатор на ГИС, формиран во рамките на Алијансата „Разбистри се“ на Институтот за комуникациски студии, заради граѓанска контрола на инспекцискиот надзор на животната средина.)
4) Проектот за еко-туризам СТЕФАН продолжи со изработка на модул за обука „Попреченост“ (Disability) во текот на јануари и февруари 2022. Модулот е предвиден за поттикнување и обучување на туристички работници и јавни службеници за потребите и можностите за унапредување на туристичката понуда во еко-туризмот кон лицата со посебни потреби. Акцент е на достоинствен третман на клиентите, кои не бараат социјална услуга, туку фер понуда со достапност до сите туристички содржини. Тој е заеднички проект на повеќе држави, поддржан од Европската Унија.
5) Проектот „Штип и Берово заедно за подобрување на условите на живеење на Ромските заедници“ продолжува со кампањи за информирање за пристап до општинските социјални и здравствени услови на ниво на заедницата, односно кампањата за подигнување на свеста на ромското население во општина Штип поврзани со хигиена, добивање на лични документи, пристапот до здравствената заштита и планирањето на семејство. Тимот за поддршка на Зелениот институт е вклучен во активности за: поддршка во спроведувањето и зајакнувањето на информативно-советодавните услуги; поддршка на случаи за реализација на социјалните и здравствените права и други услуги во врска со социјалната заштита на Ромите во општината; поддршка при организирање посета на домаќинствата од Штип, припадници на ромската заедница.
Проектот е финансиран од Европската Унија, имплементиран од општина Штип во партнерство со Општина Берово и Здружението за еколошки одржлив развој – Зелен Институт од Скопје.